Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

Така зборуваше Гивеко на 20 години од постоењето на фирмата

ГИВЕКО, ДВАЕСЕТ ГОДИШЕН ПРЕДИЗВИК

Дваесет години е навистина голем и би се рекло историски заокружен период во кој може да се направи ретроспектива на сработеното и сосема доволен да созреат семињата кои се засадени со единствена цел – да успеат.

Би сакале да започнеме со нешто едноставно, водејќи се од она дека едноставното е најмудро и вистинито. Имено:

Еднаш, многу одамна, еден земјоделец, во наплив на очај од слабата берба извикал:

- Боже да имам барем една година можност да го контролирам времето!

- Сторено! одеднаш слушнал длабок глас на кој не можел да му го утврди правецот.

- Молам?, Запрашал изненадено земјоделецот?

- Велам, сторено! За период од една година ќе имаш моќ да ги контролираш временските услови по твоја желба. му одговорил Бог.

- Ти благодарам Боже! Весело отпоздравил земјоделецот и ја започнал својата необична преокупација – комбинација на земјоделство и метеорологија.

Речиси цела година посакувал и добивал сонце, па дожд, сонце, па повторно дожд. Пченката растела и растела, не била никогаш поголема и позелена. На радоста на земјоделецот и немало крај.

Дошло време за берба. Земјоделецот со нестрпливост почнал да ги проверува кочаните.

- Каква е бербата?, се слушнал длабокиот глас на Бог.

- Сиромашна Боже, многу сиромашна!, одговорил земјоделецот.

- Но зарем не добиваше временски услови какви што посакуваше?

- Да, добивав и затоа и сум збунет!, бил очаен земјоделецот.

- Дали освен дожд и сонце понекогаш побара ветер што ке го зајакнеше стеблото и ќе го продлабочеше коренот?

- Не, не го сторив тоа!

- Дали посака, снег, мраз, слана, кои што ќе ги активираа внатрешните потенцијали на растението за самоодржување, што на крај ќе резултираше со поголем плод?, продолжи Бог.

-Не, ништо од тоа не побарав.

- Тогаш, чедо мое, на најлош, можен начин научи една голема животна лекција – Животот е можен само преку ПРЕДИЗВИЦИ.

Горната приказна е парафразиран извадок од Дискурсот бр. 6 од делото „Јога, Алфа и Омега„ од индискиот аватар Ошо Разниш.

Со еден ваков предизвик пред дваесет години се соочи и Љубиша, формирајќи го Гоко сервис 6, кој подоцна еволуираше во Гивеко и кој предизвик се уште трае и најискрено се надеваме дека истиот ќе продолжи да го буди ентузијазмот кај сите, а особено помладата генерација која веќе е на пат да се соочи со него.

Гивеко се роди во залезот на еден општествено економски систем кој беше дотраен и во секој миг се очекуваше да се распадне, но сепак се уште требаше да се почитуваат правилата на игра. Се уште се чувствуваа федералните закони, иако се надзираше новата општествено економска платформа на независна Македонија.

Бидејќи настапуваше ерата на транзицијата, секој Закон, Правилник или Уредба од економската сфера, го заплиснуваше кревкото тело на Гивеко. Но, благодарение на тие турбуленции, Гивеко полека застануваше на свои нозе и успешно маневрираше, оставајќи зад себе се повеќе репутација на успешна сметководствена и консултантска куќа, која во еден период под своја капа имаше дури преку 150 правни лица кои ги користеа неговите услуги.

Локациски Гивеко започна во еден деловен комплекс во населба Ѓорче Петров, да после продолжи на Нобелова бр. 7, а кога се прошири бројот на вработените се смести на улица Орце Николов, па во градскиот зид Блок 10, за да на крај обезбеди свој простор на улица Мирче Ацев бр. 74/4, каде е и сега.

Значајна подршка во соочувањето со предизвиците Љубиша доби со склучувањето на партнерскиот однос со господин Александар Стефановски – Сашо во 1992 година и неговата Костенурка како придружна фирма, што значеше уште поголем замав во развојот и успешно градење на Гивеко.

Тандемот Љубиша – Сашо се покажа и се уште се покажува како единство на спротивности, земајќи ги во предвид нивните карактери и нивните личности во целина. Навидум различните карактери всушност се комплементарни. Тие контрапункти всушност постојат на начин кој едниот го осмислува постоењето на другиот. Но сигурно е дека комплементарноста им се состои од основните вредности: чесност; скромност, великодушност, разбирање, ентузијазам, амбиција и можам да редам во недоглед, доблести што ги чини единствени.

Во една таква констелација на фундаментални вредности се изгради и самата деловна атмосфера внатре во Гивеко, а сето тоа влијаеше и на градењето на односите со своите клиенти.

Во ова се увери и Управата за Јавни приходи, која во еден период упорно настојуваше да ја опсервира работата на Гивеко (во еден случај и пет инспектори во еден ден) за да конечно оформи слика на фирма доследна на основните сметководствени начела и предводник во својата фела.

Речиси од самиот почеток на Гивеко, паралелно егзистираше и неговата т.н. подружница Мини голф Клуб (исто така креација на тандемот Љубиша – Сашо како и на останатите двајца блиски пријатели) која беше буквално оаза на културно забавниот живот на екипата на Гивеко, каде на мир се кроеја новите развојни планови, како и место каде мирно се разработуваа и тумачеа новите законски решенија. Голф клубот за кратко време стана култно место во градскиот парк низ кој продефилираа илјадници гости и се организираа бројни успешни забави, родендени, промоции, турнири итн.

За жал, Голф клубот згасна на самиот крај на деведесетите години од објективни причини и ќе го паметиме како успешна епизода од развојните етапи на Гивеко.

Кога сме кај развојните фази на Гивеко, би сакале да го потенцираме периодот на воведување на Законот за Данок на додадена вредност, кој донесе суштински промени во неговото работење, но и генерално во фискалната сфера во земјата. Имено тоа значеше добивање на многу по квалитетни документи за книжење, значеше навремена достава на истите, а со тоа значеше поквалитетни годишни сметки кои го отсликуваа реалното работење на субјектите. Тоа е период кога Гивеко созреа и квалитетно и кадровски и успешно се носеше со новите предизвици како што беше и изготвување на ревизискиот годишен извештај на Тутунскиот Комбинат – Скопје во период кога со него раководеше господинот Кожухаров. Како доказ за успешноста на ревизискиот извештај беше и одличната оценка што секоја година ја даваа странските сопственици на Комбинатот.

Континуираниот успех Гивеко го темели на еден принцип, а тоа е да се даде приоритет на барањата на коминтентите и тоа брзо и квалитетно и во согласност со актуелните законски регулативи. Водејќи се од принципот, Гивеко постојано се едуцира, надградува, информира, учествува во работата на сметководствената комора при Сојузот на Стопански комори, дава свои сугестии во изготвувањето на нови законски решенија итн. Во светот на острата пазарна конкуренција кај сметководствените услуги Гивеко веќе дваесет години го одржува и го шири пазарниот простор кој му овозможува опстанок и натамошен развој.

Во референцата на Гивеко може да се сретнат фирми од најразлични стопански дејности со домашен или странски капитал, од амбасади до фирми со разработена трговска мрежа низ цела Македонија, рудници, фабрики, издавачки куќи, веледрогерии, софтверски и хардверски фирми итн.

Значајно е да се напомене дека во своето работење, Гивеко ја воведе музиката како основен придружен декор, особено лаит џезот, рокот, па за таа цел спонзорираше музички емисии на Радио Уно, организираше посети на концертите на Џејмс Браун, Тоше Проески, Сантана, Џорџ Бенсон итн. Музиката и понатаму останува озвучена светилка која го осветлува патот по кој се движи Гивеко, сега и во иднина.

И на крај би сакале да му го честитаме дваесет годишниот јубилеј на Љубиша, Соња, Горан и Влатко како и на сите вработени во Гивеко и Костенурка, со желба оваа дваесет годишна работа да е само фундамент за понатамошното градење на Гивеко, со уште посилна динамика, ентузијазам и љубов и како што би рекол Игор Џамбазов : „Сите да си го најдеме Тоше во себе„ а знаеме кои доблести ги поседуваше тој, и тогаш напредокот ни е сигурен.

„Ве сакам Сите„ – Тоше

Скопје, 18.12.2010