Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

Дневници за службени патувања во земјата

Лицата кои се упатуваат на службено патување во земјата, имаат право на дневница во висина од 8% од просечната месечна нето плата по работник во Македонија исплатена во последните 3 месеци. Ова право е регулирано со член 113 од Законот за работни односи и член 35 став 1 алинеја 1 од Општиот колективен договор за стопанството.

Дневницата исплатена до овој износ не подлежи на никакво оданочување.

Дневница може да се исплати и во износ поголем од предвидениот, но во тој случај, разликата од износот на повеќе исплатената дневница во однос на предвидената, се оданочува со персонален данок на доход и данок на добивка.

Зборовите – имаат право на дневница – не се обврзувачки. Тоа значи дека дневницата може да се определи и на помал износ, а може да се донесе и одлука дека за службени патувања во земјата воопшто не се исплатуваат дневници.

Македонија е држава каде што најголемото патно растојание изнесува 332 км и тоа помеѓу Граничен премин Делчево и Свети Наум Охридски.

Доколку се исплатуваат дневници, истите се пресметуваат на следниве начини:

  • за патување до 8 часа не се пресметува дневница
  • за патување од 8 до 12 часа се пресметува половина дневница
  • за патување од 12 до 24 часа се пресметува цела дневница

Дневниците за службени патувања мора да се документирано докажани:

  • патен налог ( наш предлог во делот на консултантски услуги )
  • фискална сметка за потрошено гориво за возилото со наведен број на возилото и фирмата
  • приложени патарини
  • документ за сместување и ноќевање
  • било каков документ како доказ за пристигање во дестинацијата наведена во патниот налог ( во пракса сме имале и таков совет дека соодветен документ би бил и купена кутија кибрит, а сега ваљда може и упаљач, нормално со фискална сметка )

Наше мислење е за патувања во Македонија да НЕ се пресметуваат дневници, доволно е да се исплатат направените вистински трошоци потврдени со соодветна документација.

Согласно Законот за данок на добивка, за да бидат признати, сите трошоци мора да се поврзани со вршењето на дејноста на фирмата, да се непосреден услов за извршување на дејноста и да се последица од вршењето на дејноста.

Сите овие одредби се однесуваат за лица вработени во фирмата. Доколку на службено патување се упати лице кое не е вработено во фирмата, на износот на вкупно направените и исплатени трошоци се пресметува персонален данок, а исто така, овие трошоци подлежат на оданочување со данок на добивка.