07.09.2011
ПРЕТСТАВУВАЊЕ ПРВО
Така зборуваше Заратус....уствари така збореше Трендо, сеа ќе те цитирам, Мајсторе.
" Прилично удобно се чувствувам во Трендоленд. Некако убаво е да се има свое парче слободна земја. Затоа, направете и вие свој Трендоленд. Направете го онаму каде што сакате, направете го толкав колку што ви е потребен вам и на вашите блиски, крстете го онака како што ви се бендисува. Не е важна големината на територијата, важно е таа да е слободна. Што знаете, можеби еден убав ден, кога ќе ги собереме сите наши слободни територии на едно место, можеби тоа место ќе испадне големо колку Македонија? "
Браос бе Трендо, колку убаво кажано. И еве и ние, најмногу заради Тебе и прекрасната мисла, а и заради некои нови модерни времиња кои надојдоа, решивме да си направиме свое парче слободна територија и си го крстивме Гивеколенд. Мора мислава да ти искочила од малиот мозок, само од таму излагаат големи мисли. Е сеа, можда малку е чудно што ние шо си ја правиме оваа територија, уствари работиме сметководство. И на страницава планираме да поставиме работи кои ќе им бидат од корист на нашите постоечки, а да се надеваме дека ќе имаме и идни нови клиенти, од овде ќе можат да научат нешто и некои наши колеги сметководители, можеби ќе натераме некои да се определат да се занимаваат во иднина со овој занает, можда со нашите мислења и коментари ќе ги убедиме надлежните државни органи да размислат околу некои прашања. Премногу оптимистички, а ?
Е па и не е. Имаме полно право вака да размислуваме после 20 години постоење. Да, да, на ден Свети Никола, 19-ти декември 2010 година, прославивме 20 години од основањето на нашата фирма Гивеко. После 20 години упорна и храбра борба за опстанок и место под ова наше Македонско сонце, исполнети со паѓања и станувања, успеси и кризи, само со вербата во себе и нашето знаење, чесност и искреност, еве стасавме до ова наше парче слободна територија во оваа наша мала и мила Македонија. А веројатно некој удел во сето ова има и тоа што повеќето од нас немаат свој именден, па скоро на сите заеднички ни е еден многу убав ден и празник Софија, Вера, Надеж и Љубов.
Како и да е, решивме да ја направиме страницава. Не сакаме да го криеме, сакаме да го извадиме од нас целото наше знаење и да го направиме достапно на сите. Сакаме да покажеме кои сме, дека чесно и искрено си го освоивме нашето делче на слобода. Сакаме да покажеме колку сме полни со вера, надеж и љубов кон се и сите. Сакаме да покажеме колку ја почитуваме природата околу нас. Сакаме да покажеме колку музиката е составен дел од нашите животи и работата, па сабајле кога се отвара канцеларијата, прво се пушта радиото, а после се укључуваат компјутерите. Сакаме да кажеме дека кошарката е најубавиот спорт. Све сакаме. Одговорниот пристап кон работата и љубовта кон се ова што наброивме, не прави среќни и весели и кога ни е најтешко.
Живееме во свет преполн со неморал и големи непочитувања на човековите права, во исти услови во кои работеше групата ТНТ со Алан Форд и Број Еден. И исто како и нив, веруваме во љубовта и солидарноста и живееме со надеж за едно подобро утре. Можеби ние со нашава страница, во некое топло попладне во Вашиот дом ќе Ви ја донесеме толку потребната доза на нови сознанија, информации, насмевка и оптимизам.
Трендо, со фул респекат од сите нас, се придружуваме кон Твоето парче слободна територија и заедно се осеќаме посилни.
Со почит,
Гивеко