ИСПЛАТИ ВРЗ ОСНОВА НА ДОГОВОР ЗА ДЕЛО И ДОГОВОР ЗА ПРИВРЕМЕНИ И ПОВРЕМЕНИ УСЛУГИ
Договорите се регулирани со Законот за облигациони односи, а содржината е дека вршителот на работата се обврзува да изработи или поправи некој предмет, или да изврши некоја физичка или интелектуална работа, за што нарачателот на работата се обврзува за тоа да му плати надомест. Даночен обврзник е вршителот на работата, но пресметката и уплатата на надоместот и персоналниот данок ја врши нарачателот на работата – исплатувачот. Даночна основа е бруто износот на договорениот надомест.
Основната разлика помеѓу овие два вида на договори е тоа што, кај договорите за дело мора да постои некој предмет или остварување кое останува трајно во вид на изведено, изработено или пишано дело.
Времетраењето на склучувањето на договорите за извршување на работата е во зависност од тежината на истата, но не може да биде во некој подолг временски период. Во таков случај би се сметало дека, ако постои потреба од вршење на работа во подолг временски период, вршителот на работата би требало да се вработи кај нарачателот на работата врз основа на договор за вработување.