Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

НАЈНИСКА ОСНОВИЦА ЗА ПРИДОНЕСИ

 

Основица за пресметување и плаќање на придонесите, односно основицата за осигурување за тековната година не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика, во следните случаи на основици:

 

1. плата, дополнителни примања од работен однос утврдени во законот кој ги уредува работните односи, колективен договор и договорот за вработување, за лице во работен однос;

 

2. паричен надоместок на извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво;

 

3. плата за работа со скратено работно време, односно за часовите поминати на работа, и дополнителни примања од работен однос утврдени во законот кој ги уредува работните односи, колективен договор и договорот за вработување, за работник кој работи со скратено работно време;

 

4. месечната аконтација на нето приходот, односно на паушално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок, согласно со Законот за персонален данок на доход, за самовработено лице;

 

5. 50% од просечно исплатената месечна плата по работник во Републиката објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика за:

- верско службено лице,

- лице корисник на постојана парична помош; лице со статус на признаен бегалец; лице под супсидијарна заштита; лице сместено во згрижувачко семејство; лице сместено во установа за социјална заштита (за институционална и вонинституционална заштита); корисник на паричен надоместок за помош и нега од друго лице; лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, најмногу до 26 години, а користи социјална парична

помош; лице - жртва на семејно насилство за кое се презема мерка на заштита согласно со Законот за семејството и лице опфатено со организирано самостојно живеење со поддршка како и дете со пречки во развојот и со специфични потреби за кое се користи право на посебен додаток согласно со Законот за заштита на децата, ако не може да се осигурат по друга основа.

- лице на издржување на казна затвор, лице кое се наоѓа во притвор, ако не е осигурено по друга основа, и малолетно лице кое се наоѓа на извршување на воспитна мерка упатување во воспитно - поправен дом, односно установа,

- работник на кој му мирува работниот однос поради користење неплатено родителско отсуство и сите недефинирани граѓани;

- учесник во НОВ и учесник во Народноослободителното движење во Егејскиот дел на Македонија, воен инвалид и членовите на семејствата на паднатите борци и умрените учесници во НОВ, како и цивилните инвалиди од Втората светска војна, лицата прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на Македонија и нејзината државност, на кои тоа својство им е утврдено со посебни прописи и членовите на семејството и родителите на лицата граѓани на Република Македонија, загинати во војните при распадот на СФРЈ;

- ученик и студент за време на практична работа;

- лице на практикантска работа согласно со закон,

- лице на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно-поправен дом за време на редовна работа што ја врши во текот на издржувањето на казната, односно мерката;

- здравствен работник со високо образование кој стекнува работно искуство за полагање на стручен испит;

- невработено лице за време на обука, преквалификација или доквалификација;

- граѓанин на Република Македонија кој согласно со важечките прописи е упатен на школување во странство, како и странец кој се наоѓа на школување во Републиката ако државата, чиј граѓанин е тој, исто така постапува со граѓани на Република Македонија, доколку со меѓународен договор ратификуван од Република Македонија поинаку не е определено;

- повреден во акции за спасување или одбрана од елементарни непогоди или несреќи;

- повреден на работно ангажирање на корисници на социјална помош и невработени лица работно ангажирани за време на вршење на јавни работи;

- повреден во давање помош на органите за внатрешни работи во вршење на нивната службена должност;

- повреден на културно-уметнички манифестации и натпревари, организирани од културни и други организации;

- повреден на натпревари во физичка и техничка култура, организирани од спортски и други организации;

- повреден во волонтерска работа согласно со закон;

- спортист аматер согласно со закон;

- самовработено лице до истекот на првата календарска година во која започнало со вршење на дејност;

- граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги во тековната година дефинирани во законот кој го уредува системот на здравственото осигурување, врз основа на остварените нето приходи во претходната година.

 

6. основицата за придонеси утврдена во судската пресуда, за извршител за обврзник за плаќање за кој има спроведено наплата од парични средства за придонеси по основ извршување на судска пресуда;

 

7. износот од стечaјната маса што е распределен за уплата на придонеси, за стечаен управник за обврзник за плаќање вработен кај должникот кого го застапува и претставува, за месеци пред отварање на стечајната постапка, доколку распределениот дел од стечaјната маса за придонеси е помал од обврската за придонеси пресметана од должникот.