ДАНОЧЕН СИСТЕМ И ВИДОВИ НА ДАНОЦИ ВО МАКЕДОНИЈА
ШТО СЕ ДАНОЦИ ?!
Не се без потреба прашалникот и чуденката.
Сеуште на, ај да не речеме многумина, туку на некои од НАС, не ни е јасно што се тоа даноци и зашто да се плаќаат, а особено е интересно од нашето искуство, прашањето - од кај толку многу за плаќање ?
Радува фактот, дека врз основа на нашето повеќе од дваесетгодишно искуство, ваквите прашања стануваат помалубројни.
Да не дробиме премногу, нашите мислења и ставови зашто е тоа така, проследете ги во рубриката МИСЛАМ ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ, а во продолжение да видиме стварно и тоа само во прашална форма...
ШТО СЕ ДАНОЦИ ?
Даноци се давачки на даночниот обврзник кои се плаќаат за да служат за општо државно добро, а се определени со закон.
Не Ви се свиѓа дефиницијава наша, требаше прво определено со закон, а после тоа другото?
Ееее, не, ние мислиме дека редоследот е баш како што треба.
Врз основа на горенаведеното, ДАНОЧНИОТ СИСТЕМ на МАКЕДОНИЈА се состои од следниве видови на даноци
ДИРЕКТНИ ДАНОЦИ, кои се на товар на даночните обврзници и го намалуваат нивниот доход
1. Данок на добивка - се оданочуваат правните лица
2. Данок на личен доход - се оданочуваат приходите на граѓаните и на лицата кои вршат дејност
ИНДИРЕКТНИ ДАНОЦИ, кои се на товар на стварните плаќачи на данокот - граѓаните, крајни потрошувачи на добрата и услугите, а даночните обврзници кои вршат дејност се всушност посредници помеѓу Буџетот на МАКЕДОНИЈА и граѓаните
1. Данок на додадена вредност - се оданочува прометот со добра и услуги
2. Акцизи - се оданочува прометот со стратешки и луксузни добра
ДАНОЦИ НА ИМОТ, со кои се оданочува сопственоста, прометот, подарувањето и наследувањето на движен и недвижен имот
1. Данок на имот - се оданочуваат правните лица и граѓаните на сопственоста на недвижен имот
2. Данок на промет на недвижности и права - се оданочуваат сите лица кои вршат промет со недвижности и права
3. Данок на наследство и подарок - се оданочуваат примателите кои добиваат во наследство или како подарок недвижен и подвижен имот
За спроведување на даночниот систем донесени се
1. Закон за даночна постапка
објавен во Службен весник на РМ бр. 13/2006....35/2018
2. Закон за управата за јавни приходи
објавен во Службен весник на РМ бр. 43/2014....83/2018
ШТО Е НАЈВАЖНО: секој граѓанин на Македонија кој сака да остварува некоја дејност по било кој основ, МОРА да се регистрира во Регистарот на даночни обврзници.
Сите регистри, освен политички партии и верски заедници и религиозни групи, се водат во Централниот регистар на Р. Македонија.
Вообичаено, во секојдневието се вели дека не се само овие даноци, туку има и други. Но, тие имаат карактер на јавни давачки и се со друга функција:
1. Царина
2. Придонеси од плата
3. Таканаречената фирмарина
4. Надоместоци за концесии
5. Административни, буџетски и судски такси