Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

П Р А В И Л А

за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги

 

Член 1

Општи одредби

 

Со овие Правила за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги ( во натамошниот текст Правила ), се утврдуваат обврските, правата и одговорностите во врска со вршењето на сметководствените работи и останатите сродни услуги, помеѓу Примателот на услугата ( во натамошниот текст Примател на услуга ) и Давателот на услугата ( во натамошниот текст Гивеко ).

 

Под поимот вршење на сметководствени работи се смета обработка на податоци врз основа на сметководствени документи, подготовка и водење на трговски/деловни книги и составување на годишна сметка и финансиски извештаи.

 

Под поимот останати сродни услуги се сметаат делови од сметководствените работи, водење на материјалното работење, консултантски услуги и изготвување на пресметки и извештаи по различни основи.

 

Со Правилата се дефинираат и критериумите, ценовникот, понудата и Договорот за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги.

 

Основните меѓусебни обврски, права и одговорности се утврдуваат со Договорот. Правилата уредуваат нормативни основи кои не се детално регулирани со Договорот, а се негов составен дел. Измени и дополнувања на Договорот се вршат исклучиво врз основа на меѓусебна согласност и овие Правила.

 

Член 2

Обврски на Гивеко

 

Гивеко се обврзува, ажурно и уредно, стручно и законито, за сметка на Примателот на услугата, да врши сметководствени работи и останати сродни услуги, во согласност со важечките прописи во Македонија.

 

  1. Сметководствени работи

 

1.1.Прибирање на сметководствени документи врз основа на записник за примопредавање на документација, а двете договорени страни задржуваат по еден примерок од записникот

1.2.Проверка и потврдување на приемот на сметководствените документи во моментот на нивното примопредавање

1.3.Проверка на исправноста и веродостојноста на доставените документи после нивното примопредавање

1.4.Во случај на доставена неисправна документација, враќање на истата на натамошна проверка и исправка

1.5.Подготовка за водење и водење на трговски/деловни книги преку формирање на соодветен налог за книжење и автоматска обработка на податоците

1.6.Финансиска евиденција на материјалното работење врз основа на извештаи изготвени од страна на Примателот на услугата

1.7.Пресметка на данокот на додадена вредност со проверка и во согласност со евиденцијата на Примателот на услугата, изготвување и електронско доставување на соодветна даночна пријава

1.8.Пресметка на аконтацијата на данокот на добивка на месечно ниво

1.9.Пресметка и книжење на амортизацијата на основните средства

1.10.Пресметка на бруто плата врз основа на податоци доставени од страна на Примателот на услугата, изготвување и електронско доставување на соодветен образец

1.11.Изготвување на годишна сметка и финансиски извештаи

1.12.Чување на документација за тековна година  

 

  1. Останати сродни услуги

 

2.1.Делови од сметководствените работи од точка 1, потточки 1.1. до 1.12. , по избор на Примателот на услугата

2.2.Водење на материјалното работење врз основа на соодветно изготвена и доставена документација од страна на Примателот на услугата

2.3.Консултантски услуги во усмена или писмена форма

2.4.Пресметка на персонален данок на доход по сите основи

2.5.Изготвување на благајнички извештаи за патни и материјални трошоци врз основа на доставени сметки од страна на Примателот на услугата

2.6.Изготвување на извештаи до банки и надлежни државни органи

2.7.Присуство при вршење на контрола, ревизија или вештачење кај Примателот на услугата, при што како присуство се смета и времето потребно за изготвување и доставување на извештаи за работењето на Примателот на услугата во хартиена или електронска форма.

 

Член 3

Обврски на Примателот на услугата

 

Примателот на услугата се обврзува, ажурно и уредно, стручно и законито, да ја врши својата дејност и да изготвува и доставува на обработка кај Гивеко,исправна и веродостојна документација, во согласност со важечките прописи во Македонија.

 

Обврски на примателот на услугата се:

 

-Водење на архива-деловодник за комплетната документација

-Проверка на исправноста на излезните и влезните документи

-Исправно составување на излезните фактури и ситуации

-Проверка на исправноста на доставените влезни фактури, а од аспект на Законот за данок на додадена вредност, ако на влезните фактури има изразено ддв, проверка дали добавувачот е ддв обврзник

-Доставување на податоци во хартиена или електронска форма за пресметка на бруто плата најдоцна до 7-ми наредниот месец за изминатиот месец          ( список на вработени со име и презиме, ембг, адреса, општина, износ на бруто или нето плата )

-Вршење на сите банкарски трансакции и прибирање на изводи од денарски и девизни сметки

-Поврзување на влезните фактури каде што има добра, со соодветна приемница, со што ќе се дефинира намената на набавените добра ( добра за натамошна продажба, материјали и резервни делови, ситен инвентар, основни средства, реклама, репрезентација )

-Потврдување на влезните фактури за услуги за намената на извршените и примени услуги

-Изготвување на испратници за продадени добра и нивно поврзување со излезни фактури

-Изготвување на работен налог за производство и негово поврзување со требувања за потрошени материјали и резервни делови

-Изготвување на приемници за произведени полупроизводи и готови производи

-Во трговијата на мало и големо, изготвување на соодветна документација

-Водење на комплетната евиденција на материјалното работење по сите основи

-Изготвување на благајнички извештаи по сите основи

-Вршење на попис и составување на пописни листи на крајот од деловната година, вклучувајќи ги и одлуките за решавање на евентуалните пројавени разлики при вршењето на пописот

-Доставување на уредна и веродостојна сметководствена документација неделно, а комплетна најдоцна до 7-ми наредниот месец за изминатиот месец, за што се составува записник за примопредавање на документација, а двете договорени страни задржуваат по еден примерок од записникот

-Изготвување и усвојување на сметководствени политики

-Чување на документација за минати години.

 

Член 4

Утврдување на одговорност

 

Гивеко ја превзема одговорноста:

-Ако непостапува или постапува спротивно на одредбите од важечките прописи во Македонија.

-Одговорноста за обработката и чувањето на документација настанува од моментот на приемот на истата, се до нејзиното враќање на Примателот на услугата

-Да ги достави на увид сметководствената евиденција и документација на барање на Примателот на услугата, како и во случај при вршење контрола, ревизија и вештачење кај истиот

-Гивеко има одговорност за периодот за кој ги извршувал договорените работи

-Да ги чува кодовите за идентификација, нивно користење и заштита

-Да ги чува класифицираните податоци и информации со соодветен степен на тајност

-Да ги чува и штити личните податоци кои ги осознал во текот на вршењето на ангажманот

-Да го пријави Примателот на услугата кај соодветни надлежни органи доколку во текот на вршењето на ангажманот констатира неправилности во работењето и невообичаени трансакции

-Да не ги отстапува договорените работи на друг вршител на сметководствени работи

 

За вршењето на сметководствени работи и останати сродни услуги, Гивеко има склучено договор за годишно осигурување со осигурително друштво.

 

Во случај на утврдување на погрешна примена на важечките прописи, Гивеко целосно се ослободува од секаква одговорност поради ненавремено извршено примопредавање на документацијата и ако истата е нецелосна и неверодостојна со оригиналната.

 

За веродостојноста на документацијата во врска со суштинската, материјалната и законската исправност одговара Примателот на услугата, кој е должен со општ акт да одреди одговорно лице за законитоста, исправноста и доставувањето на документацијата, а еден примерок од актот да достави до Гивеко.

 

Деловните промени, особено обврските по основ на даноци и јавни давачки, за кои Гивеко и Примателот на услугата имаат спротивставени ставови, ќе бидат спроведени во смеководството на Примателот на услугата врз основа на писмена наредба од страна на истиот. Гивеко води регистар за добиените наредби.

 

Во одделни ситуации, претходно образложени на Примателот на услугата, Гивеко може да се повика на системски пречки во вршењето на ангажманот         ( недостаток на прописи, отежната интернет конекција и слично ).

 

Член 5

Критериуми за утврдување на цена за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги

 

Критериумите за утврдување на цената за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги се одредуваат врз основа на податоците за работењето на Примателот на услугата и тоа:

- остварениот вкупен годишен приход, со учество во цената од 70%

- обем на документација на месечно ниво, со учество во цената од 10%

- за пресметка на бруто плати, број на вработени, со учество во цената од 10%

- број на сметки во деловни банки, со учество во цената од 10%

- регистриран даночен обврзник од аспект на данокот на додадена вредност

 

За Примателот на услугата кој не остварил никаков приход и се наоѓа во фаза на формирање и инвестиции, цената се утврдува врз основа на останатите критериуми.

 

За Примателот на услугата кој не остварил никаков приход, се смета за неактивен и цената се утврдува врз основа на останатите критериуми.

 

За обемот на документација на месечно ниво, критериумот се одредува до 10 излезни и влезни документи по било кој основ.

 

За пресметка на бруто плати, критериумот се одредува за 1 вработен.

 

За број на сметки во деловни банки, критериумот се одредува за 1 банка.

 

Сите критериуми се земаат во предвид со можна отстапка од +/- 10%.

 

Цената за вршење на останатите сродни услуги се утврдува според обемот на работењето, од документ, од час и од минута.

 

Цената се утврдува на месечно ниво, во нето износ, без пресметан данок на додадена вредност.

 

Член 6

Ценовник за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги

 

Ценовникот за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги се утврдува врз основа на критериумите од член 5 од овие Правила. Цените се изразени во Македонски денари, во нето износ без данок на додадена вредност. Цената утврдена со Договорот може да се менува во согласност на двете договорени страни, а во зависност од исполнувањето на критериумите.

 

Ценовникот се наоѓа во прилог и претставува составен дел на овие Правила.

 

Член 7

Понуда и Договор за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги

 

Понудата за вршење на сметководствени работи и останати сродни услуги се изготвува врз основа на видовите на работи и услуги презентирани во член 2 од овие Правила. Примателот на услугата врши избор кои работи и услуги ги доверува на вршење на Гивеко. Врз основа на извршениот избор, критериумите и Ценовникот, се формира цената на ангажманот и се пристапува кон склучување на Договор.

 

Договорот се составува и потпишува врз основа на прифатената Понуда. Со потпишувањето на Договорот, Примателот на услугата потврдува дека е запознат со Правилата и Ценовникот на Гивеко.

 

Понудата и Договорот се сметаат за важечки исклучиво во хартиена форма, со потписи од овластени лица и печат од двете страни, по еден примерок за секоја од договорените страни.

 

Со Договорот се регулира: предметот на работење, општите обврски на Гивеко и Примателот на услугата, цената на работите и услугите, начинот на фактурирање и плаќање, времетраењето на Договорот и начинот на решавање на евентуалните недоразбирања.

 

Доколку ниту една од договорените страни не побара раскинување или измена на Договорот со писмено известување, доставено 30 дена пред истекот на важноста на Договорот, истиот автоматски се продолжува во наредните календарски и деловни години.

 

Во случај на еднострано раскинување на Договорот, отказниот рок изнесува 30 дена сметајќи од денот на доставување на раскинувањето на Договорот по писмен пат.

 

Во случај на престанок на важење на Договорот по било кој основ, во рок од 30 дена Гивеко е должен на Примателот на услугата да му ја предаде целосната документација, што се констатира со записник за примопредавање.

Доколку Примателот на услугата не ја превземе својата документација во наведениот рок, Гивеко ја чува документацијата наредни 30 дена, после што може да ја отстрани без никаква одговорност за евентуалните штетни последици за Примателот на услугата.

 

Гивеко може привремено да прекине дел или целосното вршење на својот ангажман, доколку Примателот на услугата доцни со плаќањето на своите обврски повеќе од 10 календарски денови од роковите утврдени во Договорот, за што писмено го известува истиот. Доколку Примателот на услугата не ги подмири своите обврски во рок од 7 календарски денови од денот на писменото известување, Гивеко може еднострано да го раскине Договорот и да ја врати комплетната документација без сметководствената евиденција од периодот што бил предмет на обработка.       

 

Договорот се наоѓа во прилог и претставува составен дел на овие Правила.

 

Член 8

Завршни одредби

 

Сите евентуални недоразбирања се решаваат спогодбено и на мирен начин.

 

 

Скопје, 06.05.2019                                                                           управител,