Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

Даночен систем во РМ

Данок на личен доход

 

Доход од продажба на сопствени земјоделски производи – член 42-47

 

Под доход од продажба на сопствени земјоделски производи се подразбира доходот што обврзникот го остварува од промет на земјоделски производи од сопствено производство.

 

Обврзник на данок на доход од продажба на сопствени земјоделски производи е физичко лице кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на исплатувачи кои водат деловни книги и на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари, а кое не се оданочува согласно со членот 20 од овој закон.

 

Основа за пресметување на данокот за доходот претставува разликата помеѓу остварениот вкупен доход и нормираните трошоци во висина од 80%.

 

Доколку обврзникот остварува вкупен доход во годината кој го надминува износот од 1.000.000 денари, должен е најдоцна до 15 јануари наредната година да се регистрира за вршење дејност согласно со закон.

 

Обврзникот кој во текот на календарската година остварил доход од продажба на сопствени земјоделски производи кој не го надминал износот од 1.000.000 денари има право на враќање на платениот данок за остварениот доход од продажба на сопствени земјоделски производи.

 

Правото на враќање на платен данок не го остварува обврзник кој во календарската година остварил друг доход кој се оданочува согласно со одредбите од овој закон.

 

Правото на враќање платен данок го остварува обврзникот кој во календарската година остварил доход кој не се оданочува согласно со одредбите од овој закон, освен доходот од членот 13 од овој закон.

 

Врз основа на податоците од потврдените годишни даночни пријави, органот за јавни приходи изготвува листа на обврзници на кои треба да им биде вратен платениот данок која се доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заради потврдување или коригирање на податоците.

 

По проверка на податоците од листата , преку споредување со податоците од Единствениот регистар на земјоделските стопанства и други податоци со кои што располага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, листата по потврдување или коригирање се доставува до органот за јавни приходи.

 

Враќањето на платениот данок се врши најдоцна до крајот на годината која следи по годината за која што се однесува потврдената годишна даночна пријава.

 

Обврзникот на данокот на доход кој остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на  продажни места на зелени пазари, а не се оданочува согласно со одредбите од членот 20 од овој закон, се оданочува според паушално утврден нето- доход.

 

Паушалниот нето-доход го утврдува органот за јавни приходи врз основа на висината на закупнината на продажното место на зелениот пазар и големината на нето-доходот на обврзникот кој под исти или слични услови врши иста или слична дејност.