Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

СКОПСКИ JAZZ САЕМ

Во налетот на еден општ економско-политички,социјален и културен транзициски бран на блокади,банкроти,насилства и кич,на нашиве простори опстојува една културна енклава која постојано се развива на ниво на претпознатлив бренд,веќе и во светски рамки,а тоа е Скопскиот Jazz Фестивал.На ова треба само да се додаде дека овој мозаик,на високо културен,квалитативно беспрекорен и широко распослан џезерски дух,се гради веќе 30 години и успешно опстојува и се надеваме дека така и ќе продолжи.

Октомври е месецот кога се одржува овој jazz саем на светски музичари,но всушност е музичка пролет кога се будат сите сетила кај вљубениците на овој препознатлив стил.Празник за облагородување на урбаниот дух и чувство дека сме дел од светските збиднувања.

Нема подобро чувство кога својот музички идол кој со години ти ги возбудува сите сетила со својата музичка магија преку винилските плочи,аудио касети,це-деа или ди-ви-диа, одеднаш се појавува пред тебе и ти ги отвара своите врати, овозможувајќи непосредно да влезеш во неговиот свет.

Екипата која е одговорна за сите овие возбудувања и која имаше ,,сенс,, да отпочне со фестивалот датира од 1982 година и главно беа раководните лица од Младинскиот Културен Центар,Гоце Димовски,Александар Герасимовски,вклучувајќи го и големиот музички критичар од ЈУ просторот,Велибор Педевски,како и актуелниот директор на фестивалот, легендарниот, Оливер Белопета.

Низ фестивалот,за овие три децении,продефилираа окулу 300 бендови и окулу 2000 музичари, буквално од сите континенти, што е импозантна бројка со која ретко кој актуелен фестивал,барем околу нашево опкружување, може да се пофали.Тоа е околу квантитетот,а ова е квалитетот:

Chick Corea, Stanley Clarke, Lenny White, John Mc Laughlin, Trilok Gurtu, Herbie Hancock, Ornette Coleman, John Zorn, Joe Zawinul, Tito Puente, Anthony Braxton, Roy Ayers, Al Di Meola, Alan Holdsworth, John Scofield, Mike Stern, Tania Maria, Gotan Project, McCoy Tyner, Ron Carter, Manu Katche, Larry Carlton, Bill Frisell, Bireli Lagrene, Maceo Parker, Betty Carter, Jan Garbarec, John Abercrombie, Cecil Taylor, Cassandra Wilson, Art Ensemble of Chicago, Freddie Hubbard, Rabih Abou-Khalil, Esbjorn Svensson, Henry Treadgill, Ahmad Jamal, Dave Holland, Steve Coleman. . . . . Ray Charlеs, Be Be King, Paco De Lucia…

Листата е уште многу,многу долга,но особено треба да се нагласи програмата на овогодишниот јубилеен фестивал,што е беспрекорна,имено:

Wayne Shorter, Miroslav Vitous, Charles Lloyd, Roscoe Mirchell… и како круна на фестивалот,легендарниот Pat Metheny.

Многу симболично е тоа што баш Pat Metheny го затвори 30 годишниот јубилеј, бидејќи тоа беше спектакл во права смисла на зборот.Овој фестивал всушност и заслужил да го заокружи својот јубилеј на ваков начин.

Pat Metheny беше изненаден уште од првиот контакт со скопската публика која низ громогласниот аплауз му пожели добредојде и му најави дека добро знае за која големина на музичар се работи и со тоа се создаде непосредност која кулминираше на крајот на двочасовниот концерт со трикратен бис.

Изненаден од рекциите на публиката и од познавањето на неговото творештво,Pat Metheny рече дека не му е јасно како за време на своето четириесет годишно настапување по светот до сега не дошол во Македонија која има вака прекрасна публика која има чуство за jazz. Всушност и својата овогодишна турнеја ја прилагодил со терминот на одржување на Скопскиот Jazz Фестивал со желба да биде дел од јубилејот.

Иако Pat Metheny настапи како трио,заедно со басистот Larry Grenadier и тапанарот Bill Stewart,концертот звучеше како да настапуваше Pat Metheny Group,грандиозно,музички дотерано до перфекција,аранжмански богато и сценски спектакуларно,особено кога ја изненади публиката со својот Orcestration,магија од механички инструменти (вибрафон, клавијатура, хармоника, чинели, ѕвона, стаклени шишиња) раководени од неговата гитара и како врв на се,појавата на монструозната 42 жичана гитара Picassa.

Pat Metheny без никаква резерва, во целост, го отвори својот несомнено голем и широк талент, кој преку гитарата како медиум ја изрази својата длабока внатрешност и состојба на духот и остави силен впечаток.Специфичноста на овој врвен музичар е непостојаноста во музичките жанрови,нивно мешање и создавање на свој претпознатлив жанр,секогаш нов,свеж и оргинален.

Pat Metheny со својот концерт во Универзалната сала,несомнено постави нови критериуми,нови норми и го искачи Фестивалот на повисоко скалило во градењето на репутацијата во светски рамки.Тој е одличен егземплар за заокружување на триесетото издание на Скопскиот Jazz Фестивал како своевидна монографија која содржи се што треба да се опфати за и околу фестивалот.

Благодарност до големиот Оливер Белопета и неговата екипа што успешно опстојуваат и упорно настојуваат да ни го сервираат Jazz-от на дланка,пред нас,во нашиот град и тоа од врвни сервисери на истиот.Несомнено низ ова 30 годишно постоење на Фестивалот се создадоа бројни млади генерации кои за прв пат го почуствуваа jazz-от, непосредно од прва рака и тоа им го насочи натамошното консумирање на музиката.Ако на сето ова ги надоврземе и незаборавните концерти на Carlos Santana и George Benson кои всушност не беа дел од Фестивалот ,слободно може да констатираме дека сме рамо до рамо со светските музички центри.

Jazz-от не е мртов, како што тврдат многу скептици,туку напротив,живее и се адаптира на ново настанатите светски превривања и постојано наоѓа пукнатини преку кои избива со сета своја сила.

Да живее Jazz-от.

Гоце,сметководител и jazz ентузијаст