Врз основа на Статутот на Друштвото, Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, трговското друштво ГИВЕКО, дооел, Скопје, со седиште на ул. Букурешка, бр.3, Скопје-Карпош, застапувано од Љубиша Лазаровски, Управител на Друштвото, во понатамошниот текст Работодавач, и Влатко Лазаровски, со живеалиште на ул. Нобелова, бр.7, Скопје, во понатамошниот текст Работник, на ден 01.09.2018 година, го склучија следниот
ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Член 1
Овој Договор претставува основен документ со кој се уредуваат правата и обврските што произлегуваат од работниот однос помеѓу Работникот и Работодавачот.
Работно место и работно време
Член 2
Работникот е вработен кај Работодавачот на работно место Соработник за информатичка подршка.
Како место на вршење на работата се определува седиштето на Гивеко.
Работникот е вработен на определено време, со полно работно време во времетраење од 40 часови неделно, почнувајќи од 01.09.2018 година до 31.12.2018 година.
Работното време е од Понеделник до Петок, од 08 до 16 часот.
Работникот е должен на барање на Работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа).
Траењето на годишниот одмор се определува со Решение од страна на Работодавачот, во зависност од времето поминато во работен однос и условите за работа на работното место.
Обврски на работникот
Член 3
Работникот ги прифаќа обврските што произлегуваат од Законот за работни односи, други законски и пратечки прописи, Статутот и другите акти на Работодавачот, кои постојат во времето на склучување на Договорот и се согласува да ги почитува сите нивни измени во иднина. Во таа насока, Работникот е должен:
а) совесно да ја извршува работата, во време и на место, кои што се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работата и деловната активност на Работодавачот,
б) да извршува други обврски и задолженија на барање на неговите претпоставени,
в) да ги почитува и спроведува прописите за заштита при работа,
г) да се воздржува од сите постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши, се штетни или би ги повредиле интересите на Работодавачот,
д) да не ги користи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на Работодавачот и е одговорен за издавање на деловна тајна, ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците,
ѓ) да не врши или склучува работи кои спаѓаат во дејноста на Работодавачот и значат или би можеле да значат негова конкуренција,
е) да не смее да врши конкурентско дејствување со сите стекнати технички , производни или деловни знаења и деловни врски за период од две години по престанување на работниот однос кај Работодавачот,
ж) веднаш да го извести Работодавачот во случај на боледување,
з) да ги користи работните средства економично со однос на добар домаќин,
и) да побара дозвола за отсуство и да го информира претпоставениот за секое отсуство најмалку седум денови претходно.
Обврски на работодавачот
Член 4
Работодавачот ги прифаќа обврските што произлегуваат од Законот за работни односи, други законски и пратечки прописи, Статутот и другите акти на Друштвото, кои постојат во времето на склучување на Договорот и се согласува да ги почитува сите нивни измени во иднина. Во таа насока, Работодавачот е должен:
а) да му обезбеди на Работникот работа и потребни услови за извршување на превземените работни задачи,
б) да му обезбеди на Работникот пропишано работно време, законски пропишан одмор и отсуства од работа, пропишани средства за заштита при работа и други услови и права од работен однос, во согласност со Законот и овој Договор,
в) да му обезбеди на Работникот редовна месечна исплата на плата и исплата на други додатоци и примања во согласност со Законот и овој Договор.
Финансиски надоместок
Член 5
Основната нето плата на Работникот се определува на месечен износ од 13.453. денари, сметано за просечни 175 саати месечно и работна саатнина во износ од 76,87 денари од саат.
За секоја евентуална измена на договорениот износ ќе се склучува анекс на овој Договор.
На Работникот може да му се исплатат стимулации за неговата работна успешност, што се проценува според домаќински однос, квалитет и обем на вршењето на работата, креативност и инвентивност, продуктивност, економичност, заштеди во процесот на работење, ефикасност и користење на средствата за работа и работното време.
На Работникот може да му се исплатат додатоци за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време.
Износот на стимулации и додатоци ги определува Работодавачот со посебна одлука.
Основната нето плата на Работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж.
Работодавачот може на Работникот да му изрече парична казна во зависност од степенот на одговорноста на Работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски, ред и дисциплина, поранешната работа и однесување, тежината на повредата и нејзините последици.
Износот на паричната казна го определува Работодавачот со посебна одлука.
Престанување на важноста на договорот
Член 6
Договорот за вработување престанува да важи со изминување на времето за кое што бил склучен, со смрт на Работникот, поради престанување со работа на Работодавачот согласно со Закон, со спогодбено откажување, со отказ, со судска пресуда и во други случаи утврдени со Закон.
Работодавачот може да го откаже Договорот за вработување по сите основани причини за отказ предвидени со Законот за работни односи кои се однесуваат на кршење на работниот ред и дисциплина и неисполнување на работните обврски. Во тој случај Договорот се откажува без отказен рок.
Работодавачот може да го откаже Договорот за вработување од деловни причини засновани на потребите на функционирањето на Друштвото, како и поради престанување на потребата од работа заради економски, организациони, технолошки, структурни и слични причини.
Работодавачот може да го откаже Договорот за вработување, ако на Работникот му е дадено писмено предупредување дека Работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски и ако по даденото предупредување, во определениот рок, Работникот не го подобри своето работење.
Работникот може да го откаже Договорот за вработување со писмо за откажување што Работникот ќе го достави до Работодавачот во рок од најмалку еден месец пред откажувањето.
Во случај на откажување на Договорот, Работникот е должен пред престанокот на работниот однос да ги врати документите и предметите кои се сопственост на Работодавачот.
Задолжително времетраење на работниот однос
Член 7
Минималното задолжително времетраење на работниот однос е 4 месеци.
Доколку Работникот не го испочитува овој рок или не го испочитува отказниот рок од член 6, став 5 од овој Договор, истиот е должен да му исплати обесштетување на Работодавачот во износ од шест месечни бруто плати, пресметани според износите договорени во член 5, став 1 од Договорот.
Општи одредби
Член 8
Содржината на овој Договор се смета за деловна тајна и може да биде соопштена само на надлежните државни органи и во постапка пропишана со Закон.
Член 9
Договорните страни изречно изјавуваат дека со склучување на овој Договор за вработување, престанува важноста на сите претходно склучени договори за вработување помеѓу Работникот и Работодавачот, со сите измени и анекси и истите повеќе не произведуваат никакво правно дејство.
Овој Договор за вработување може да биде изменет само со писмена согласност од страна на Работникот и Работодавачот.
Член 10
Договорните страни се согласуваат сите меѓусебни спорови да ги решаваат спогодбено, а во случај тоа да не е можно, се одредува надлежност на компетентните Судови во Република Македонија и релевантната работна регулатива.
Член 11
Овој Договор е составен во 3 ( три ) истоветни примероци, од кои 1 ( еден ) примерок му се врачува на Работникот, а останатите примероци остануваат кај Работодавачот, кои ги чува во работните простории.
Работодавач, Скопје, 01.09.2018 година Работник,