Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

Пресметување на дневници за службени патувања во странство

Лицата кои се упатуваат на службено патување во странство, имаат право на дневница регулирано со член 113 од Законот за работни односи и член 35 став 1 алинеја 2 од Општиот колективен договор за стопанството и истата изнесува:

  • 50% од утврдената дневница, ако се поднесе сметка за сместување, како и во случаи кога сместувањето не паѓа на товар на фирмата
  • 20% од утврдената дневница, ако издатоците за сместување и исхраната не паѓаат на товар на фирмата
  • 5% од утврдената дневница, ако издатоците за стручно оспособување и усовршување ( семинари, курсеви, симпозиуми ) не паѓаат на товар на фирмата, а престојот е над 30 дена
  • платена сметка за сместување се признава за хотел со категорија до 4 звездички
  • превоз со такси возило се признава само за превоз од аеродром до местото на сместување и обратно

Дневницата исплатена до овој износ не подлежи на никакво оданочување.
Дневница може да се исплати и во износ поголем од предвидениот, но во тој случај, разликата од износот на повеќе исплатената дневница во однос на предвидената, се оданочува со персонален данок на доход и данок на добивка.
Зборовите – имаат право на дневница – не се обврзувачки. Тоа значи дека дневницата може да се определи и на помал износ, а може да се донесе и одлука дека за службени патувања во странство воопшто не се исплатуваат дневници.
Доколку се исплатуваат дневници, истите се пресметуваат на следниве начини:

  • за патување до 8 часа не се пресметува дневница
  • за патување од 8 до 12 часа се пресметува половина дневница
  • за патување од 12 до 24 часа се пресметува цела дневница

Дневниците за службени патувања мора да се документирано докажани:

  • патен налог ( наш предлог во делот на консултантски услуги )
  • фискална сметка за потрошено гориво за возилото со наведен број на возилото и фирмата
  • авио билети
  • приложени патарини
  • документ за сместување и ноќевање
  • било каков документ како доказ за пристигање во дестинацијата наведена во патниот налог ( во пракса сме имале и таков совет дека соодветен документ би бил и купена кутија кибрит, а сега ваљда може и упаљач, нормално со фискална сметка )
  • документ за промена на валута од предвидената за земјата во која се патува во локална валута, за признавање на трошоците направени и документирани во локалната валута на земјата

Согласно Законот за данок на добивка, за да бидат признати, сите трошоци мора да се поврзани со вршењето на дејноста на фирмата, да се непосреден услов за извршување на дејноста и да се последица од вршењето на дејноста.
Сите овие одредби се однесуваат за лица вработени во фирмата. Доколку на службено патување се упати лице кое не е вработено во фирмата, на износот на вкупно направените и исплатени трошоци се пресметува персонален данок, а исто така, овие трошоци подлежат на оданочување со данок на добивка.
Дневниците за службени патувања во странство согласно Решението за највисоки износи за дневниците се дадени во посебен преглед.

Сите трошоци направени при службеното патување во странство, искажани во странска валута, се пресметуваат во денарска противвредност според средниот курс на валутата објавена од страна на Народна Банка на Република Македонија, на денот на поднесувањето на пресметката на патниот налог, кој не може да биде подолг од 48 часа од завршувањето на патувањето.