Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

Даночен систем во РМ

Данок на додадена вредност

Поднесување даночна пријава и периодичен извештај од денарски трансакциски сметки и девизни сметки, како и извештај за извршените промети во случаи на пренесување на даночна обврска



Член 41



1. Даночниот обврзник е должен за секој даночен период да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на даночниот период во која сам го пресметува данокот.



2. Кон даночната пријава од ставовите (1), и (4) на овој член, за соодветниот даночен период, даночниот обврзник е должен и преку носителот на платниот промет согласно со ставот (6) на овој член да поднесе периодичен извештај од денарски трансакциски сметки и девизни сметки преку кои го остварува работењето.



3. Даночната пријава се поднесува во рокот од ставот (1) на овој член и тогаш кога во соодветниот даночен период даночниот обврзник нема извршено оданочив промет.



4. По исклучок од ставот (1) на овој член во случај на престанок со вршење на дејност, даночниот обврзник е должен да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на календарскиот месец во кој престанал со дејноста.



5. Даночната пријава се поднесува до надлежниот даночен орган кај кого е регистриран даночниот обврзник.



6. Периодичните извештаи од денарски трансакциски сметки и девизни сметки преку кои даночниот обврзник регистриран за цели на данокот на додадена вредност го остварува своето работење од ставот (2) на овој член, ги доставува носителот на платниот промет по електронски пат до надлежниот даночен орган. Периодичните извештаи од овој став носителот на платниот промет ги доставува за период и во рок во кој се поднесува даночната пријава согласно со ставовите (1), (3), и (4) од овој член.



7. Надлежниот даночен орган по електронски пат до носителите на платниот промет ги доставува следниве податоци за даночните обврзници:



- регистрација за цели на данокот на додадена вредност и даночен период за пресметување и плаќање на данокот на додадена вредност;



- прекинување на регистрација за данокот на додадена вредност;



- бришење од регистарот на обврзници за данокот на додадена вредност и



- промена на даночниот период за пресметување и плаќање на данокот на додадена вредност.



(8) Формата и содржината на даночната пријава ги пропишува министерот за финансии.



Член 41-а



1. Доколку даночниот обврзник утврди дека пријавил неточно или нецелосно промети, даноци или претходни даноци во одредена даночна пријава за соодветниот даночен период, должен е да изврши исправка на даночната пријава преку поднесување на нова исправена даночна пријава за тој даночен период и тоа најдоцна до рокот за доставување на годишната сметка. Исправката не се врши преку искажување на разликите во износите, туку преку искажување на целосните износи.



2. По исклучок од ставот 1 на овој член, даночниот обврзник е должен да изврши исправка на неточната или нецелосната даночна пријава во последната даночна пријава од календарската година на која се однесува грешката, доколку се работи за повеќе или помалку пријавен данок во дадениот даночен период кој е помал од 1% од пријавениот данок.



Член 41-б



1. Даночниот обврзник кој врши промет на добра и услуги за кој даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот согласно со членот 32-а од овој закон, има обврска да изготви извештај за извршените промети на добрата и услугите од членот 32-а од овој закон.



2. Даночниот обврзник го доставува извештајот од ставот (1) на овој член, заедно со даночната пријава, до надлежниот даночен орган за прометите извршени во периодот за кој се однесува даночната пријава.



3. Министерот за финансии ги пропишува формата и содржината на извештајот од ставот (1) на овој член.



Член 42



(1) Надлежниот даночен орган со решение ќе го утврди данокот на додадена вредност за соодветниот даночен период, ако:



1. Даночниот обврзник не поднесе даночна пријава во пропишаните рокови;



2. Данокот не е правилно пресметан, или ако не одговара на реално остварениот промет и



3. Се утврди со контрола дека евиденцијата на даночниот обврзник е нецелосна или содржи неточни податоци.



(2) При утврдувањето на данокот од став 1 на овој член, соодветно се применуваат одредбите на Законот за даночна постапка.