Така се градеше фирмата...

Прво пуштаме музика, а потоа компјутери...

Верност, традиција, долговечност...

 

Даночен систем во РМ

Данок на додадена вредност

Промет на добра – член 3,4


Промет на добра претставува:

1. Преносот на правото на располагање со движен или недвижен материјален имот,

2. Прометот на електрична енергија, гас, греење и разладување,

3. Прометот на добра врз основа на договор за лизинг, според кој правото на сопственост преминува на корисникот на лизингот најдоцна со исплатата на последната рата,

4. Прометот на добра од консигнационен склад,

5. Испораката на добра на комисионерот од страна на сопственикот и испораката на добра од страна на комисионерот на примателот на добрата,

6. Преносот на сопственост на добра врз основа на закон или налог издаден од или во име на орган на јавната власт,

7. Прометот на добра произведени или составени од материјали или елементи кои ги набавил испорачателот, кај кои не се работи само за додатоци или за други споредни предмети. Истото важи и во случај на изградба на недвижности,

8. Прометот на добра од страна на закупeцот кон закуподавачот, во случај на инвестициско вложување во објект на закуподавачот извршен од страна на закупецот, освен вложување кое се однесува на тековно (редовно) одржување на објектот, кога објектот се користи за вршење на стопанската дејност на закупецот,

9. Земањето на добра кои се дел од имотот на претпријатието за лични потреби на даночниот обврзник, или на вработените лица кај него или за други цели кои не се поврзани со неговата стопанска дејност,

10. Прометот на добра без надомест од страна на трговски друштва и други здруженија на лица спрема нивните сопственици на влог, спрема членовите и спрема нив блиски лица,

11. Задржувањето на добра од страна на даночниот обврзник или од лицето кое стапува на негово место, по престанувањето со вршењето на стопанската дејност и

12. Прометот на добра без надомест од страна на закупeцот кон закуподавачот, во случај на инвестициско вложување во објект на закуподавачот извршен од страна на закупецот, освен вложување кое се однесува на тековно (редовно) одржување на објектот, во случај кога објектот се користи за вршење на стопанската дејност на закупецот.


Кога прометот на добра се врши како надоместок за промет на други добра или за промет на услуги, секој од овие промети се смета за посебен промет на добра или на услуги.


Bo случај на верижен промет кој се однесува на исто добро и каде што правото на располагање со доброто се пренесува директно од првиот испорачател на последниот примател, секој промет во веригата се смета за одделно извршен промет на добра.


Bo случај на промет на добра, во кој даночниот обврзник посредува во име и за сметка на друго лице, се смета дека прометот е извршен од страна на другото лице.


При преносот на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата согласно Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, доколку доверителот не се стекнува со доброто, се смета дека прометот е извршен од должникот кон стекнувачот на доброто. Доколку доверителот се стекнува со доброто, се смета дека прометот е извршен од должникот кон доверителот како стекнувач на доброто. Кога имотот е во сопственост на лице кое гарантира за даночен долг во постапка на присилна наплата, односно на должник или заложен должник кој одговара за долгот на должникот во постапка за присилно извршување, ќе се смета дека прометот е извршен од страна на лицето кое гарантира за даночен долг, односно од должникот или заложниот должник кон стекнувачот на доброто.